
Во државата се регистрирани четири лабораториски потврдени случаи на мали сипаници, од кои еден е увезен, информираат од Министерството за здравство. Случаите се појавуваат во период кога во соседните Косово и Бугарија веќе се во тек епидемии на ова заразно заболување. Според проценката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), ризикот од појава на нови случаи е зголемен, иако засега не е забележано пошироко ширење на национално ниво.
Сите регистрирани заболени се невакцинирани лица, а меѓу нив има и две бебиња кои поради својата возраст сè уште не можеле да ја примат вакцината. Епидемиолошките служби интензивно ги идентификуваат и следат сите контакти на заразените. Дополнително, до сите јавни и приватни здравствени установи е доставен строг протокол за рано препознавање, тријажа и изолација, додека градинките и училиштата добиле упатство за спроведување на превентивни мерки.
„Малите сипаници се едно од најзаразните заболувања, но од нив можеме да се заштитиме. Две дози МРП вакцина се најсигурната заштита“, изјави министерот за здравство Сашо Клековски. Тој ги повика родителите да го проверат картонот за вакцинација на своите деца, а возрасните кои не се сигурни за својот вакцинален статус да се консултираат со матичниот лекар. „Со тоа ги штитиме и бебињата, кои се премали за вакцина“, нагласи министерот.
Министерството за здравство упати и неколку клучни препораки до граѓаните да ги надоместат пропуштените дози на МРП вакцината во најблискиот вакцинален пункт, при појава на висока температура, кашлица, црвени очи и осип да останат дома и прво телефонски да го контактираат матичниот лекар наместо директно да одат во чекалниците, веднаш да се јават на матичниот лекар или во Центарот за јавно здравје доколку биле во контакт со заболено лице и да не праќаат болно дете во градинка или на училиште.