
Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, преку објава на социјалните мрежи ја критикуваше работата на Пошта на Македонија, тврдејќи дека институцијата веќе трет ден не прима писма, поради што, според него, адвокати пропуштаат законски рокови за поднесување жалби.
Во објавата тој изнесува и низа обвинувања за работењето на претпријатието, меѓу кои дека има лица вработени по Рамковниот договор и дека, според неговите тврдења, има вработени кои издржуваат затворска казна во Италија, а и понатаму примаат плата.
Во објавата тој изнесува и низа обвинувања за кадровската политика во Поштата, повикувајќи ги новинарите да ги истражат неговите тврдења, а воедно упати и иронични критики кон премиерот Христијан Мицкоски, оценувајќи дека Владата се обидува да го пренасочи вниманието од, како што вели, сериозните проблеми со кои се соочуваат граѓаните.
Директорот на АД Пошта, Орхан Куртиши, се огласи на социјалните мрежи и му порача на Апасиев дека кога нема факти, прибегнува кон лаги, навреди и евтин популизам.
Тој потврдува дека поштата три дена не работела поради сериозното невреме и техничките последици што ги предизвикало, но денес работењето е целосно нормализирано и сите услуги се одвиваат непречено.
„Наместо да покаже елементарно разбирање за вонредна состојба, Апасиев избра да шири дезинформации, да навредува илјадници вработени и да собира политички поени врз грбот на институцијата. ЈП „Пошта на Северна Македонија“ нема да биде заложник на нечии политички фрустрации. Граѓаните заслужуваат факти, а не измислици и евтини политички претстави“, порача Куртиши.