Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата побара од Собранието веднаш да ја запре постапката за донесување на Предлог-законот за спроведување на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“, кој е поднесен по скратена постапка од група пратеници.

Според Платформата, предложеното законско решение отвора сериозни ризици од корупција, бидејќи предвидува Фондацијата „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, која ќе ја основа Град Скопје, да биде изземена од примената на Законот за јавните набавки. Законот денеска е на дневен ред на пленарна седница во Собранието.

Од организациите оценуваат дека фондацијата, која ќе се финансира од буџетски средства и од фондови на Европската Унија, по сите законски основи треба да има статус на договорен орган и да биде обврзана да ги спроведува јавните набавки согласно важечката регулатива.

„Значењето и обемот на проектот, како и значителните јавни средства што ќе бидат употребени за неговото спроведување, бараат повисоко, а не пониско ниво на транспарентност, отчетност и заштита од корупција“, наведуваат од Платформата.

Тие предупредуваат дека со предлог-законот не се предвидуваат само ограничени исклучоци за специфични авторски или уметнички услуги, туку целосно се исклучува системот на јавни набавки, вклучително и за набавка на стоки, услуги, опрема, инфраструктурни и градежни работи за кои постои пазарна конкуренција.

Платформата смета дека ваквото решение создава опасен преседан, бидејќи отвора можност и други проекти во иднина да бидат изземени од механизмите за контрола на јавните набавки.

Дополнително, тие укажуваат дека предлог-законот му дава големи овластувања на градоначалникот на Скопје при именувањето и разрешувањето на членовите на Управниот и Надзорниот одбор на фондацијата, без да бидат пропишани јасни критериуми, стандарди или транспарентна постапка за избор.

Според Платформата, проблематично е и тоа што Управниот одбор ќе ги усвојува плановите за набавки, ќе формира комисии, ќе одлучува за набавките и ќе постапува по приговорите, со што управувачките и контролните функции се концентрираат во едно тело, без независен механизам за жалба.

Организациите забележуваат и дека предлог-законот е поднесен по скратена постапка, без да биде објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), без јавна расправа и без спроведена антикорупциска проценка.

Поради тоа, тие бараат Собранието да го запре донесувањето на законот по скратена постапка, предлагачите да го повлечат и повторно да го достават на јавна консултација преку ЕНЕР, со спроведена процена на влијанието на регулативата и без одредби што отстапуваат од Законот за јавните набавки.

Истовремено, Платформата ја повика и Државната комисија за спречување на корупцијата да го разгледа предлог-законот од аспект на корупциските ризици и да достави мислење до Собранието и до јавноста.

Текстот Антикорупциската платформа бара Собранието да го стопира законот со кој Фондацијата „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“ е изземена од Законот за јавните набавки е превземен од А1он.