Водата за пиење од градскиот водовод во Крушево минатата недела покажала резултати на неисправност, односно дека не е за пиење, бидејќи поради прекин на електричната струја, еден час не работел системот за хлорирање. Ова денеска го кажа директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов, информирајќи дека овој случај ни оддалеку не е ист како оној во Гостивар.

-За Крушево поради прекин на електричната енергија, најмалку еден час не работел хлорниот инструмент, односно немало хлорирање на водата. Оттаму случајот во Крушево ни оддалеку не е исто со ова што се случуваше во Гостивар. Веднаш по еден час, тој уред што ја хлорира водата во градскиот водовод продолжил со работа и очекувам таа состојба да биде целосно стабилизирана. Нема ни појава на луѓе кои се жалат на здравствени проблеми и не треба да се споредува со овој случај, изјави Ангелов.

Минатата недела, ЈЗУ „Центар за јавно здравје“ – Прилеп при редовна контрола на квалитетот и безбедноста на водата за пиење во градскиот водовод на Крушево, констатирал отсуство на резидуален хлор во водата како и бактериолошка неисправност односно наод на бактерии од цревно потекло.

Поради тоа Центарот на 23-ти јули ги известил надлежните институции во државата како и надлежните во ЈКП „Комуна“ – Крушево. На жителите од Крушево им беше препорачано за пиење да користат пакувана вода, а водата од градскиот водовод, како вода за лична хигиена, приготвување на храна, перење и миење на садови можат да ја користат само после превривање од најмалку десет минути.

Е.Б.