Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) упати јавен повик до поранешни припадници на полицијата, Армијата и противпожарните единици да се вклучат во претстојната сезона на гаснење пожари на отворен простор и шумски пожари. За ангажман од три месеци, заинтересираните ќе добиваат по 44.000 денари месечно нето, односно вкупно 132.000 денари или околу 2.150 евра.

-Дојдете, помогнете и заработете 2150 евра во текот на летото, гаснејќи ги пожарите на отворено кои претстојат пред нас. Работното време ќе биде прилагодено на потребите за справување со пожарите односно се оди на терен во деновите кога има зголемен обем на пожари, а се останува се додека има потреба и услови за дејство. Користењето на слободни денови ќе се договара во зависност од потребите на теренот, но и потребите на ангажираните лица. Воедно се погриживме да имаат доволно слободни денови за да можат да заминат на однапред планиран летен одмор, кажа Ангелов на денешната прес-конференција.

Директорот нагласи дека кандидатите треба да имаат најмалку петгодишно полициско, армиско или пожарникарско искуство, без разлика дали се во пензија или од други причини ги напуштиле или се отстранети од редовите на Полицијата, Армијата или Противпожарните единици. Потребно е да се здрави и во добра психофизичка кондиција соодветна на возраста.

-Доколку се во пензија нивната пензија тече, не се прекинува, а за ангажманот со договор на дело во ДЗС ќе добијат дополнителни 44.000 денари месечно нето или 132.000 денари за три месеци (2.150 евра). Ние ќе организираме соодветни здравствени прегледи, основна проверка на нивната психофизичка состојба, кратка и ефективна противпожарна обука, ќе добијат противпожарна униформа и неопходна опрема, а потоа ќе започнат со организирано учество најпрво во полесни и поедноставни пожари, а подоцна и во други пожари каде ќе има потреба од подршка на локалните сили, на територијата на Македонија, прецизира Ангелов.

Директорот информира дека не недостига кадар и дека како држава имаме доволен број возачи за специјалните возила. Вели дека се обидува како ДЗС да најдат доволни нивни возачи, при што така ќе ги растерат МВР и Армијата од несуштинските дејности во текот на летото.

-Ние бараме лица со вештини за управување со специјалните теренски возила, на кои што имаме монтирани соодветни водни резервоари, додаде Ангелов.