
Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел во големо интервју се осврна на клучните политички актери и појави на денешницата, од Доналд Трамп и засилувањето на национализмот, па сè до домашните германски теми. Во разговорот за „Франкфуртер алгемајне зонтагсцајтунг“ (Frankfurter Allgemeine Sonntagszeitung), Меркел призна дека нејзината одлука за прием на бегалци во 2015 година придонела за растот на десничарската Алтернатива за Германија (AfD).
Таа, исто така, упати остро предупредување за опасностите од национализмот, за кој вели дека „не завршува добро“, пишува „Дојче Веле“. Откако кон крајот на 2024 година ги објави своите мемоари и со тоа го прекина тригодишното молчење, Меркел во последно време сè почесто се појавува во јавноста и изнесува проценки за светските политички актери.
За американскиот претседател Доналд Трамп, со кого имаше директно искуство за време на неговиот прв мандат, вели дека размислува како претприемач во бизнисот со недвижности. „Земјиштето може да му припадне само на едно лице. Ако го добие некој друг, јас сум изгубил“, сликовито го опиша таа неговиот пристап.
Според нејзините зборови, Трамп не може да сфати дека во политиката не мора да победи само едната страна. „Тој не може да замисли дека во политиката не мора да победи само едната страна, туку можат двете“, рече Меркел. За неговиот втор мандат во Белата куќа, таа забележува дека „администрацијата на Трамп многу потесно и појасно ги зема предвид интересите на технолошката индустрија“.
На внатрешен план, поранешната канцеларка и претседателка на ЦДУ изрази сомнеж во поглед на повторното воведување на задолжителниот воен рок, кој беше укинат во 2011 година за време на нејзината влада. Таа го смета проблемот со праведноста за клучен, потсетувајќи дека и тогаш само помал дел од младите мажи служеа војска.
„Сакам да потсетам дека воениот рок не го служеа 85 отсто од една генерација, туку едвај околу 20 отсто“, истакна Меркел, додека сегашната влада на конзервативците и социјалдемократите се обидува да ги поттикне младите на доброволно служење.
И покрај тоа што Алтернатива за Германија (AfD) веќе со недели е водечка партија во анкетите, Меркел го брани актуелниот канцелар Фридрих Мерц и неговиот кабинет. „Како можат да се решат сите проблеми во ера во која САД водат целосно нова политика кон Европа, во која имаме војна меѓу Украина и Русија? Во која техничките промени, пред сè вештачката интелигенција, продираат во животите на сите нас?“, праша таа. За AfD вели дека „го користи незадоволството за да се обиде да го подели народот на ‘вистински народ’ и на елита која ја дефинира самата партија“.
Меркел изненадувачки отворено, пишува ДВ, призна дека европските членки на НАТО во изминатите дванаесет години не сториле доволно за вооружувањето, и покрај ветувањето од 2014 година дека ќе издвојуваат по два отсто од БДП за одбрана. „Гледано наназад, не бевме доволно брзи“, рече поранешната канцеларка. „Тоа уште тогаш го налути претседателот Трамп. Тука ни беше слабата точка“, додаде таа.
Поранешната канцеларка упати и јасно предупредување поради засилувањето на национализмот ширум Европа. Таа забележува дека погледот во државите на Европската Унија повторно се свртува кон внатре. „Со тоа, одеднаш разликите во однос на другите почнуваат да се сметаат за пресудни за сопствената благосостојба. Тоа не смееме да го дозволиме. Тоа го знаеме од историјата. Тоа не завршува добро“, нагласи таа.
Се осврна и на својата веројатно најпозната реченица од 2015 година, „Ние го можеме тоа“, изговорена во ек на бегалската криза. „Тогашната хуманитарна вонредна состојба успеавме да ја совладаме со помош на навистина многу луѓе и поддржувачи. Дека и денес сè уште имаме проблеми со илегалната миграција – тоа воопшто не е спорно“, изјави Меркел.
Интересно е што нејзината реченица неодамна ја позајми и сегашниот канцелар Фридрих Мерц, зборувајќи за тешките реформи. На прашањето дали неговата влада, која е на должност само една година, ќе успее во тоа, Меркел кратко одговори: „Да.“
На крајот, таа му даде и еден мал совет на Мерц, кој неодамна се пожали на нападите на социјалните мрежи. „Јас секогаш се водев според Хелмут Кол. Тој велеше дека никој не го присилил да ја работи оваа работа“, заклучи Меркел.