Јавното претпријатие „Водовод“ во Гостивар има проблем со системот за дезинфекција на водоводниот систем, изјави Емилја Аневска, раководителка на Секторот за санитарна контрола во ЈП „Водовод и канализација “ – Скопје.

На прашањето на „Локално“ каков проблем има и дали значи дека и натаму има колиформни бактерии во водоводната мрежа, таа одговори дека следните неколку дена ќе пробаат да им помогнат на нивните колеги од Гостивар. Раководителката истакна дека по добиените резултати од три последователни дена од мострите земени на шест мерни места во гостиварскиот водовод, нема утврдени колиформни бактерии.

Екипите од Скопски водовод работат заедно со јавното претпријатие од Гостивар на прочистување на водоводната мрежа, откако таа беше загадена со фекални отпадни води.

-Генерално има проблем со целиот систем на вршење дезинфекција, нема доволен капацитет. Во следните неколку дена ќе пробаме да го решиме проблемот на самиот водоводен систем, изјави Аневска.

Таа објасни дека по консултација со нејзините колегите од Гостивар за експлоатација и оддржување на водоводниот систем ќе се обидат следните неколку дена да најдат решение за проблемот.

-Кога процесот на дезинфекција ќе биде континуиран, нема да има отстапување од нормалните вредности и кога ќе се добие санитарна и безбедна вода ќе го известиме Кризниот штаб кој ќе ги извести понатаму граѓаните. Колегите од Гостивар помагаат и секој ден се со нас на терен, ги упативме и им кажавме што точно треба да прават. Во следните неколку дена, ќе работиме на решавање и на тој проблем, прецизира Аневска.

Министерството за здравство излезе со дневниот пресек за епидемиолошката ситуација во Гостивар. Вчера се регистрирани уште 127 пациенти со симптоми, двајца повеќе од претходниот ден. Има и двајца хоспитализирани, еден на инфективното и еден пациент на одделението се педијатрија.

Со тоа, вкупната бројка на случаи се искачи на речиси 4 илјади и 200. Досега се анкетирани 563 пациенти, а бројот на пријави за заразна болест се искачи на 833.

Е.Б.