Немало хакерски упад во внатрешните системи на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ), туку зафатена била само веб апликацијата, изјави за Локално министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски. Тој рече дека податоците на граѓаните согласно оваа информација не биле загрозени.

-За ПИОМ мислам дека Фондот информираше дека имало некаков прекин во изминатата недела а не се зафатени внатрешните системи на фондот, туку станува збор за прекин на веб апликацијата, значи сајбер упадот бил на веб апликацијата Од овој прекин на веб страницата не се зафатени внатрешните системи, што значи не се загрозени податоците на граѓаните, изјави за Локално министерот Андоновски.

Тој рече дека од посетата во Германија, на која деновиве беа со премиерот Христијан Мицкоски, се обидуваат да донесат инвестиции в сајбер-безбедноста во Македонија. Тој во одговор на новинарско прашање рече дека телекомот во Германија работи на цел центар за сајбер-безбедност, и дека прават напори такви инвестиции да има и во земјата, односно да се отворат приватни компании кои ќе се занимаваат со сајбер-безебдност.

-Работат на центар за сајбер-безбедност кој ја опслужува цела групација, но опслужува и други клиенти и тоа можевме да го видиме во Бон. Правиме напори вакви инвестиции да донесеме и во Македонија и знаете дека државата има удел во Македонски телеком. Целта е како тие инвестиции да ги пренесеме во Македонија и да создаваме нови компании кои ќе се занимаваат со сајбер безбедност и да им помогнеме и на малите и средни претпријатија во периодот на дигитална трансформација и да бидат безбедни и заштитени. Со дигиталната трансформација опфатени се и компании од приватниот сектор, изјави Андоновски.

Тој рече дека  студијата за изградба на националниот податочен центар е готова, а во моментов работат на обезбедување на потребните финансиски средства за негова изградба.

-Работиме на проектот на органзиација на земјиштето и на проектот паралелно и очекувам дека некаде напролет ќе биде отворено, и се надевам дека во 2027 година ќе успееме да почнеме со конкретна изградба на Националниот дата центарот, рече министерот.

За тоа – дали има интерес приватни компании да отворат дата центри во земјата, Андоновски рече дека веќе две до три компании пројавиле интерес во Министерството, за податочни центри.

-Дали е изградба на нови или надградба на постоечки и се надеваме дека ќе привлечеме вакви инвестиции. Локацијата е избрана и е во непосредна близина на индустриско развојните зони Скопје значи некаде во околината на автопатот Скопје-Куманово, изјави Андоновски.

Е.Б.