
Според информациите од СВР Тетово, лицето Х.Д. (22) било лишено од слобода на 3 јуни околу 16 часот на улицата „Илинденска“. При прегледот кај него бил пронајден гасен пиштол, додека со алкотестирање било утврдено присуство на 1,35 промили алкохол во крвта.
На приведувањето му претходела пријава од 38-годишен вработен во угостителски објект во Тетово, кој пријавил дека околу 15:30 часот осомничениот влегол во локалот и со закана со пиштол побарал да му бидат предадени парите.
Според пријавата, откако вработениот одбил да ги предаде парите и му наредил да го напушти објектот, меѓу двајцата настанала физичка пресметка. Во текот на инцидентот, осомничениот наводно го удрил вработениот во пределот на главата со кундакот од пиштолот.
По настанот, осомничениот побегнал од местото, но по преземени оперативни мерки полициските службеници брзо го лоцирале и го лишиле од слобода.
Тој е задржан во полициска станица, а по целосното документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.