Делегација на Амбасадата на Јапонија во Скопје, предводена од амбасадорката Сецуко Кавахара, оствари работна посета на „Алкалоид“ АД Скопје, во чии рамки беа претставени работењето на компанијата, нејзините финансиски резултати и клучните стратешки насоки, со акцент врз извозниот развој, инвестициите и одржливиот раст.

Речиси петдецениската традиција на соработка со јапонски компании, започната со „Фуџи“, денес продолжува преку сегментот за хемодијализа, преку кој „Алкалоид“ успешно соработува со реномираните јапонски компании „Нипро“ и „Никкисо“, развивајќи заеднички деловни активности на повеќе пазари. Јапонската деловна нишка продолжува и преку „Алкалоид КОНС“, кој повеќе од една деценија успешно застапува производи од портфолиото на јапонскиот фармацевтски гигант „Такеда“.

Преку програмите на Јапонската асоцијација за техничка соработка и одржливи партнерства (AOTS), дел од менаџментот на „Алкалоид“ се здоби со нови знаења и вештини на специјализирани обуки во тренинг-центрите на организацијата во Осака, Нагоја и во Токио.

По официјалниот дел, делегацијата, предводена од генералниот директор и претседател на УО, Живко Мукаетов, ги посети Музејот на „Алкалоид“, производствените капацитети на ПЦ Фармација и Институтот за истражување и развој, при што имаше можност одблизу да се запознае со високото ниво на технолошка опременост, применетите високи стандарди и со стручниот кадар кој управува со процесите. Во Институтот за истражување и развој беа презентирани и современите лабораториски системи и аналитичката опрема од реномирани јапонски производители, кои се дел од напредната истражувачка инфраструктура на компанијата.

Во контекст на долгогодишните врски на „Алкалоид“ со јапонски компании, како и на стратешката определба за меѓународен раст, посетата на амбасадорката Сецуко Кавахара претставува дополнителен поттик за унапредување на соработката и за развој на нови партнерства со јапонскиот бизнис-сектор.

Амбасадата на Јапонија во Скопје е голем поддржувач на македонското здравство, со голем број остварени донации и доделени грантови за неколку здравствени капацитети во земјава.

The post „АЛКАЛОИД“ 50 ГОДИНИ СОРАБОТУВА СО ЈАПОНСКИ КОМПАНИИ Јапонската амбасадорка во работна посета на компанијата appeared first on plusinfo.mk.