
Српскиот претседател Александар Вучиќ, по разговорите со претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, изјави дека Србија е посветена на спроведувањето на реформите на европскиот пат, вклучувајќи го и усогласувањето со препораките на БДДИП и Венецијанската комисија, како и дека очекува отворање нови кластери во преговорите за пристапување со Европската Унија.
Вучиќ ја даде оваа изјава за време на заедничката прес-конференција со Кошта, која се пренесуваше онлајн.
Тој му се заблагодари на Кошта за посетата на Србија, забележувајќи дека отворената размена на идеи и планови за иднината е од исклучително значење за земја која стреми кон членство во Европската Унија.
„За нас е многу важно да ги споделуваме вредностите и да имаме силни економски врски со Европската Унија. Трговската размена со ЕУ достигна 58 милијарди евра, што претставува најголем удел во стоковната размена. Србија денес држи 57,1% од вкупниот извоз на Западен Балкан кон Европската Унија“, рече Вучиќ.
Претседателот на Србија нагласи дека е важно земјата да продолжи со усогласувањето на правилата што важат за земјите кандидатки за членство во ЕУ.
„Од правосудните реформи до прашањето за Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ), ние продолжуваме да работиме на исполнувањето на нашите обврски. Ќе донесеме уште два закони во врска со финансирањето на политичките партии и предизборните кампањи, како и за борбата против корупцијата“, рече Вучиќ.
Тој потенцираше дека борбата против корупцијата е еден од клучните приоритети и додаде дека Србија ќе ги исполни сите препораки на Венецијанската комисија.
Говорејќи за изборот на членови на Советот на РЕМ, Вучиќ изјави дека ќе биде потребно да се најде компромисно решение.
„Не знам како ќе го решиме прашањето со РЕМ, но ќе бараме компромиси. Научив од Антонио Кошта дека компромиси мора да се прават секој ден“, рече српскиот претседател.
Вучиќ изрази надеж дека Србија во следниот период ќе ги исполни условите за отворање на Кластер 2 и Кластер 3 во преговорите за пристапување со Европската Унија.
Тој му се заблагодари на Кошта за неговата подготвеност да ги сослуша гледиштата на Србија и за неговото разбирање кон, како што изјави, „незадоволството од фактот што во изминатите пет години не се отворени нови кластери“.
Вучиќ ја посочи војната во Украина како причина за тоа.
Српскиот претседател потсети дека околу 60% од вкупната трговија на Србија е со државите членки на Европската Унија, кои воедно се и најголемиот инвеститор во земјата.
Белград е дел од турнејата на Кошта низ земјите од Западен Балкан.
Утре – 5 јуни, тој ќе биде копретседавач на самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват, Црна Гора, на тема „Заеднички просперитет и стабилност на ЕУ и Западен Балкан“.