ВЛЕН: ДУИ ја претвора албанската кауза во штит од политичка и кривична одговорност

Од ВЛЕН упатија остри критики кон Демократската унија за интеграции, обвинувајќи го раководството на партијата дека ги злоупотребува националните чувства на Албанците за да ја прикрие сопствената политичка одговорност и повеќегодишното владеење.

Според владејачката коалиција, ДУИ сè потешко се помирува со одлуката на мнозинството албански гласачи да ја испрати во опозиција. Оттаму оценуваат дека партијата на Али Ахмети, наместо да се реформира и да ги преиспита сопствените политики, се определила за создавање поделби, ширење недоверба и блокирање закони од суштинско значење за граѓаните.

Како особено проблематично, ВЛЕН го посочува блокирањето на Законот за правична застапеност, оценувајќи дека со таквиот однос ДУИ дејствува спротивно на еден од основните принципи воспоставени со Охридскиот рамковен договор.

Од ВЛЕН сметаат дека по повеќе од две децении учество во власта, во коалиција и со СДСМ и со ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ станала најнесоодветниот претставник на политичката волја на Албанците во Македонија. Партијата ја обвинуваат за злоупотреба на европски фондови, коруптивно работење и неуспех да обезбеди основни услови за живот во средините во кои со години управувала.

„Албанците повеќе не сакаат да бидат претставувани од луѓе кои ги злоупотребувале и проневерувале европските фондови, а не успеале да им обезбедат ниту чиста вода за пиење. Тие повеќе нема да се идентификуваат со нереформирана партија која директно придонесе за обезвреднување на албанската политика“, се наведува во реакцијата.

ВЛЕН изнесе и обвинувања за политички игри во заднина. Според нив, тесниот круг околу Али Ахмети се обидува преку радикализирање на јавната реторика да ја избегне одговорноста за работењето во претходните влади.

Од коалицијата тврдат дека ваквото однесување во практиката може да придонесе ВМРО-ДПМНЕ да освои повеќе од 60 пратенички мандати на следните парламентарни избори. Поради тоа, оценуваат дека политиката на ДУИ не ги штити интересите на Албанците, туку им служи на сосема спротивни политички цели.

„Создавањето лажна претстава дека правата на Албанците се загрозени само затоа што ДУИ повеќе не е дел од Владата претставува свесно дејствување во корист на интересите на македонската десница и предавство на албанската кауза“, заклучуваат од ВЛЕН.

The post АЛБАНСКАТА КАУЗА КАКО АЛИБИ: ВЛЕН ЈА РАЗОТКРИВА ИГРАТА НА ДУИ appeared first on Politika.