
Пратеникот на ДУИ, Илир Хасани на денешната прес-конференција, објаснил зошто неговата партија не го поддржала ребалансот на Буџетот. Според Хасани, средствата за рамномерен регионален развој се намалени.
„Нема средства за Универзитетската клиника во Тетово. Нема зголемување на инвестициите за општините со албанско мнозинство. Нема доволна транспарентност за распределба на капиталните инвестиции. Во меѓувреме, секој предлог од албанската опозиција е отфрлен без никаква волја за дијалог. По завршувањето на дебатата за ребалансот на буџетот за 2026 година, јасно е дека оваа Влада уште еднаш докажа дека кога станува збор за интересите на Албанците, таа избира да ги игнорира“, рекол Хасани, потенцирајќи дека ниту еден од нивните амандмани не бил прифатен.
„Ова е повторен модел на однесување на оваа Влада, која постојано отфрла секој предлог насочен кон подобрување на условите за живот во општините со албанско мнозинство.
Нема да молчиме пред оваа неправда. Ќе продолжиме да бараме секој граѓанин да има еднаков пристап до инвестиции, без оглед на тоа дали живее во Тетово, Гостивар, Кичево, Струга, Чаир, Сарај или која било друга албанска општина.
Државниот буџет не може да биде инструмент на политичко фаворизирање. Тој мора да биде инструмент за правичен развој и правда за сите граѓани“, истакнал, меѓу другото, пратеникот.