Залихите на нафта во најбогатите држави во светот паднаа на најниско ниво од 2003 година, објави американската Управа за енергетски информации (EIA), аналитичко тело на американското Министерство за енергетика.

Според најновата прогноза на EIA, глобалните залихи на нафта ќе се намалат за 6,3 милиони барели дневно во текот на ова тримесечје, а во третото тримесечје за дополнителни 7,66 милиони барели дневно.

Аналитичарите наведуваат дека енергетскиот систем во последните месеци мораше интензивно да ги троши комерцијалните и стратешките залихи, бидејќи сообраќајот низ Ормускиот теснец и понатаму е сериозно ограничен.

Поради тоа, залихите на нафта во 38-те држави членки на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) паднаа на најниско ниво од времето кога Џорџ В. Буш беше претседател на САД.

Меѓу членките на ОЕЦД се САД, Канада, Јапонија, Израел, Јужна Кореја, Франција и Обединетото Кралство.

Многу земји за време на кризата го зголемија купувањето американска нафта за да го надоместат недостигот на сурова нафта од Блискиот Исток.

EIA наведува дека нето-извозот на американска сурова нафта и нафтени деривати во април достигнал рекордни 5,8 милиони барели дневно.

Американските власти очекуваат дека нето-извозот оваа година во просек ќе изнесува 4,2 милиони барели дневно, што е значително повеќе од минатата година, кога изнесуваше 1,4 милиони барели дневно.