Опозициската ДУИ денес во Собранието излезе со барање за одговорност за кршење на Деловникот при носење на законите за високо образование и за повлекување на Законот за правична застапеност. Пратеничката Арбана Пашоли изјави дека парламентарното мнозинство мината недела ги прекршила процедурите и Деловникот и дека Законите за високо образование кои еднаш поминаа на собраниската Комисија во прво читање, Владата прво ги повлекла, а потоа еден час подоцна повторно се доставени до Собранието без никаква измена.

Според неа, прекршувањето на процедурите во Собранието се во тоа што претседателката на собраниската Комисија за образование, само петнаесет минути подоцна откако законите повторно биле вратени во Собрание, ја закажала седницата на комисијата, без да бидат известени сите пратеници.

-Предлог законите беа повлечени и повторно без ниедна измена беа доставени до Собранието. Со тоа се остава впечаток дека со тоа ја ограничуваат парламентарната расправа. Пратениците реагираа веднаш и седницата беше одложена за денес. Ако денес се нормализира кршење на Деловникот, утре може да се примени за секој закон. Ова не е прашање само за опозицијата, туку и за заштита на Собранието, изјави денеска Пашоли.

На новинарско прашање, таа рече дека во петокот кога била закажана седницата на Комисијата, била во Дебар, бидејќи таму живее и дека кај пратениците се создала паника дали ќе стигнат навреме, особено за тие што не живеат во Скопје.

Таа рече дека во Собранието бил присутен заменик-министерот за образование и дека ова не било превид, туку организирано од владејачкото мнозинство.

Пашоли исто така посочи дека минатата недела кршење на истата седница на која биле овие закони бил и Законот за правична застапеност, за кој пратениците можеле да гласаат, бидејќи имало и кворум и претставници на заедниците биле присутни, но претседателот на Собранието, Африм Гаши одлучил дека нема услови да се гласа по него.

Од ДУИ се сомневаат дека ваквото заобиколување на процедурата со Законите за високо образование се прави за да може тие да поминат на нова седница, а Законот за правична застапеност, за кој е потребно бадентерово мнозинство, да остане на претходно закажаната.

-Нормално дека ќе учествуваме и ќе бараме одговорност зошто се изгра на овој начин. Доколку зборуваме за парламентарна демократија, ова не е начинот, изјави Пашоли за „Локално“.

На собраниската седница за образование која почна по пресконференцијата на пратеничката, повторно пратениците од опозицијата реагираа дека се прекршени процедурите и дека Емилија Ангелова, претседателката на собраниската Комисија за образование, со тоа што не ги известила сите пратеници навреме дека ќе има седница, ги прекршила и Деловникот и Уставот.

ДУИ реагира дека за нова седница да се закаже, потребно е да поминат пет дена и навреме да ги добијат материјалите што во случајот и со денешната седница воопшто не е испочитуван законскиот рок. Повторното ставање на истиот предлог закон без никакви измени пред пратениците во Комисијата повторно да одлучуваат во прво читање, според нив, е непочитување кон пратениците кои, како што велат, потрошиле време да ги прочитаат материјалите, да расправаат по нив и повторно да бидат вратени на почеток.

Н.П.