
Според анкетата, 35 отсто од испитаниците изјавиле дека би можеле да замислат да гласаат за АфД. Тоа е за шест процентни поени повеќе од моменталната поддршка за партијата и е доволно за да го надмине гласачкиот потенцијал на демохристијанскиот сојуз ЦДУ/ЦСУ на канцеларот Фридрих Мерц.
Во истата анкета испитаниците одговарале и за која партија би гласале доколку изборите се одржат следната недела. АфД е на првото место со 29 отсто поддршка, со што дополнително ја зацврсти предноста што ја држи веќе со месеци.
ЦДУ/ЦСУ падна на 21 отсто, што е за повеќе од седум процентни поени помалку отколку на изборите во февруари 2025 година.
Резултатите доаѓаат во моментот кога популарноста на Мерц продолжува да опаѓа поради незадоволството од економската состојба, конфликтите во владината коалиција околу буџетските приоритети и контроверзните реформи.
Последните недели притисокот врз канцеларот дополнително расте. Во Берлин неодамна се собраа неколку илјади демонстранти кои бараа негова оставка, со антиимигрантски пораки и пароли поврзани со крајната десница. Истовремено, истражувањето на институтот Форса покажа дека дури 85 отсто од испитаниците се незадоволни од работата на Мерц, додека него го поддржуваат едвај 13 отсто од граѓаните.
Германските медиуми во последните денови известуваа и за шпекулации за можни предизвици за неговото раководство во рамките на ЦДУ, иако владата таквите наводи ги отфрли.
Меѓу темите кои предизвикуваат несогласувања се воениот рок, пензискиот систем, даноците, здравствената реформа и можното намалување на социјалните давачки.
Според последното истражување на агенцијата Форса, само 14 отсто од испитаниците се задоволни од работата на Мерц, додека 84 отсто се незадоволни.
Германските медиуми изминативе денови пишуваа и за сè погласните набљудувања за можни внатрепартиски предизвици за неговото лидерство, иако владата таквите тврдења ги отфрли како шпекулации. Како потенцијален наследник во медиумите се споменуваше Хендрик Вист, премиерот на најнаселената германска сојузна покраина Северна Рајна-Вестфалија.
На третото место се наоѓаат Зелените со 14,5 отсто поддршка, пред Социјалдемократската партија на Германија (СПД), која има 12 отсто.
Левицата е на петтото место со 10,5 отсто поддршка.
Истовремено, речиси половина од испитаниците, поточно 49 отсто од нив, рекле дека под ниту едни околности не би гласале за АфД. Од друга страна, 31 отсто од испитаните ја исклучуваат можноста за гласање за ЦДУ/ЦСУ.
Алтернатива за Германија (АфД) е политичка партија основана во 2013 година, која водечките меѓународни новински агенции како Ројтерс, АП и АФП доследно ја опишуваат како крајно десна, националистичка и популистичка.
Партијата го изгради своето политичко влијание на платформа со остро противење на масовната имиграција и со евроскептицизам.
Од почетокот на руската инвазија врз Украина, АфД се профилираше како најгласен противник на испраќањето германско вооружување за Киев и за воведувањето економски санкции за Москва.
Поради таквите ставови, политичките одононти и западните аналитичари редовно ги означуваат како проруска опција која во германскиот политички простор директно ги застапува интересите на Кремљ.
Алис Вајдел, по професија доктор по економски науки со долгогодишно работно искуство во финансискиот сектор, се наоѓа на чело на партијата како сопретседателка (заедно со Тино Хрупала) и го предводи пратеничкиот клуб на АфД во сојузниот парламент (Бундестагот). Таа се смета за една од најартикулираните, но и најконтроверзните фигури на германската политичка сцена.