Крајно десничарската партија Алтернатива за Германија АфД), настаната од противењето на политиката на Европската Унија за време на кризата со еврото, почна сè повеќе да се свртува кон реформа на ЕУ наместо излез од неа.

По историската победа на регионалните избори во Саксонија-Анхалт во септември, АфД, која во анкетите за јавното мислење е најпопуларна партија во Германија, е поблиску од кога било до влегување во сојузната влада.

Во партијата многумина сега сметаат дека сè поголемото прифаќање на десничарските ставови и растот на влијанието на сродните партии во Европа ја прават реформата на Унијата однатре покорисна од нејзиното напуштање.

„Од крајот на Втората светска војна изгледите ЕУ да се реформира во согласност со нашата визија никогаш не биле подобри“, рече пратеникот на АфД во Бундестагот, Себастијан Минценмајер.

Прашањето за излез од еврозоната, важно за бројни основачи и првични поддржувачи на партијата, се покажа како потешко за решавање, наведува Reuters.

Помладите членови, како 29-годишниот Жан-Паскал Хом, претседател на подмладокот на партијата Generation Deutschland, предупредуваат дека тврдите ставови за Европа би можеле да ѝ го отежнат на АфД најреалниот пат до власта: идната соработка со Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на канцеларот Фридрих Мерц. ЦДУ засега одбива каков било сојуз со АфД.

Копретседателката на АфД, Алис Вајдел, минатиот месец во Европскиот парламент во Стразбур, заедно со сојузниците од групата Европа на суверените нации (ESN), го претстави стратешкиот документ „Нов договор за Европа“.

Документот наместо излез од еврозоната и ЕУ става нагласок на преговори за нови договори и полабава унија. Предлага механизам за исклучување (изземање) за членките кои не ги прифаќаат заедничките политики, на пример за издвојувањата за одбрана или за миграциите, како и построго спроведување на буџетските правила, со што ја остава можноста за задржување на еврото.

Доколку обидите за реформа не успеат, за идниот европски правец на Германија, според документот, би се одлучувало на референдум.