Адвокатот Жарко Стеваноски, бранител на осомничениот Александар Спиркоски во предметот што го води Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, упати остри критики до ВМРО-ДПМНЕ и пратениците Миле Лефков и Бране Петрушевски, обвинувајќи ги за политички притисок и јавен линч.Во писмена реакција, Стеваноски наведува дека секојдневните прес-конференции на двајцата пратеници претставуваат обид за влијание врз органите на прогонот и искористување на случајот за дневнополитички цели.„Искрено очекував дека истрагата која ОЈО за ГОКК ја отвори се однесува на одговорност на актуелниот директор на Царина за петте тони марихуана кои незабележано поминаа низ македонските гранични премини, или во најмала рака дека ќе го опфати и актуелниот директор на Царина кој со истата фирма за одржување на хигиена има склучено договор за јавна набавка во далеку поголем износ од оној за кој сега се тврди дека бил криминален“, наведува адвокатот.Тој го повика Обвинителството да го сослуша пратеникот Бране Петрушевски, тврдејќи дека во јавноста изнесувал информации кои, според него, можат да бидат познати само на истражните органи.Во реакцијата се оспоруваат и дел од тврдењата на пратеникот Миле Лефков.„Александар Спиркоски никогаш не бил претседател на Општинската организација на СДСМ во Прилеп, никогаш не е осудуван за физички напад врз кое било лице, ниту пак за кривично дело изборен поткуп“, наведува Стеваноски.Адвокатот најавува дека против ВМРО-ДПМНЕ, Лефков и Петрушевски ќе бидат поведени постапки согласно Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда.Истовремено, одбраната најавува и кривични пријави против службени лица од Управата за финансиска полиција, поради сомнежи за злоупотреба на службената положба и, како што наведува, неосновано иницирање на постапки што довеле до лишување од слобода на осомничените.„За едно демократско општество, какво што се декларираме дека сме, ваквиот политички наратив ја враќа државата во времето кога европските извештаи за напредокот на земјата нѐ именуваа како заробена држава“, оценува Стеваноски.Спиркоски е еден од осомничените во предметот за наводни злоупотреби во постапка за јавна набавка во Царинската управа, за кој истрагата на ОЈО ГОКК е во тек.