Поранешниот премиер на Црна Гора Дритан Абазовиќ и некогашниот министер за внатрешни работи Филип Аџиќ дадоа изјава во Специјалното полициско одделение (СПО), а во рамките на истрагата за почасното државјанство на бизнисменот од Косово Насер Рамај, кое му беше дадено пред самиот крај на мандатот на владата на Абазовиќ, дознава „Вијести“ од повеќе извори.

Абазовиќ и Аџиќ беа сослушани пред десетина дена, кога одговараа на прашањата на службениците од СПО врз основа на која документација одлучиле да го одобрат уписот на Рамај во црногорското државјанство.

Некогашниот премиер потврди за „Вијести“ дека дал изјава во својство на граѓанин во просториите на СПО, но не сакаше да зборува за деталите од сослушувањето.

Некогашниот челник на МВР не одговараше на пораките од весникот.

Специјалното државно обвинителство и СПО водат постапка за да утврдат дали евентуално имало злоупотреба на службената положба, кога пред самиот крај на мандатот на владата на Абазовиќ, на бизнисменот од Косово, врз основа на дискреционо право, му беше дадено почасно државјанство на Црна Гора.

На доделувањето на тоа државјанство му претходеше позитивно мислење од Министерството за финансии, но и позитивна безбедносна проверка од Агенцијата за национална безбедност, како и предлог од тогашниот премиер МВР да го запише Насер Рамај во Регистарот на црногорски државјани.

Кога Насер Рамај, на 28 август 2023 година, достави барање за добивање почасно државјанство на Црна Гора според членот 12 од Законот за црногорско државјанство, меѓу другото, напиша дека е „голем заљубеник во Црна Гора, која ја смета за своја држава“.

И покрај тоа што бројни барања во МВР за добивање црногорски пасоши, поради строгата процедура и проверките на бројни нивоа, со години не се решаваат, тоа не беше случај со апликацијата на Рамај, чиешто барање беше решено за точно два месеца, пишува „Вијести“.

Министерството за внатрешни работи на 27 октомври 2023 година донесе решение Рамај да се запише во Регистарот на црногорски државјани.

Со таа одлука прва се занимаваше НВО Центар за граѓанско образование (ЦГО) која во ноември таа година јавно го објави решението на МВР, со кое на Рамај му беше одобрен прием во црногорско државјанство. Во тој документ, МВР појасни дека од кабинетот на тогашниот премиер Дритан Абазовиќ било побарано мислење од министерот за финансии за барањето на Рамај.

Позитивниот одговор, дека барањето е оправдано, од Министерството за финансии пристигнал на 2 септември, односно пет дена откако Рамај поднел барање за прием.

Врз основа на тоа мислење, Абазовиќ на 14 септември му предложил на тогашниот министер за внатрешни работи Филип Аџиќ на Рамај да му се додели државјанство, со образложение дека неговата компанија гради повеќемилионски проект „Порто Будва“, кој е од повеќекратно економско значење за државата.

Во решението беше споменато и дека Рамај е голем добротвор, како и дека учествува во бројни хуманитарни акции за деца и загрозени семејства во Црна Гора.

Само четири дена откако МВР му додели пасош на Црна Гора, истече техничкиот мандат на владата на Абазовиќ.