
Истражниот судија на Основниот суд во Улцињ, Црна Гора ѝ одреди притвор на Сашка Стојановска (46), државјанка на Македонија, до 30 дена поради основано сомнение дека сторила кривично дело – убивање и мачење животни и уништување на нивното живеалиште, објавија црногорските медиуми.
Претходно таа била задржана до 72 часа од страна на тамошното Основно државно обвинителство.
„Одделот за внатрешни работи во Улцињ одреди мерка притвор на државјанката на Северна Македонија С.С. во траење до 72 часа и до Основниот суд во Улцињ поднесе барање за определување притвор, поради основано сомнение дека сторила кривично дело убивање и мачење животни и уништување на нивното живеалиште, на тој начин што го прегазила и убила кучето на сопственикот од расата шарпланинец во близина на булеварот Теута со патничко моторно возило „Мерцедес“. Исто така, ве известуваме дека со одлуката на судијата за истрагата на Основниот суд во Улцињ, на осомничената ѝ е одреден притвор од 30 дена“, се вели во соопштението на Одделот за внатрешни работи во Улцињ, потпишано од портпаролот Милош Миљаниќ.
Македонската државјанка е уапсена во петокот, 24 јули, додека се обидувала да избега од Црна Гора, откако претходно намерно прегазила куче од расата Шарпланинец“ со својот автомобил, што може да се види на видеата објавени на социјалните мрежи и во медиумите.
„По извршувањето на кривичното дело, таа имала намера да ја напушти територијата на нашата земја, но полицијата ја спречила во тоа“, се вели во соопштението на Црногорската полициска управа.
Во петокот околу 15:15 часот, сопственикот на мртвото куче го известил Одделот за итни случаи на Одделот за безбедност во Улцињ дека претходно непознато лице, управувајќи со бел Мерцедес со скопски регистарски таблички, намерно го прегазило и убило кучето на улица.
„Полициските службеници веднаш излегоа на местото на настанот. Со преземање оперативни мерки и дејствија, го открија идентитетот на лицето кое го управувало возилото. Веднаш беше започната потрага по лицето, а околу 16:40 часот беше пронајдена и запрена на Заедничкиот граничен премин „Сукобин – Муриќани“, во обид да ја напушти нашата земја. Потоа С.С. беше донесена во полициските простории, каде што беше спроведена кривична истрага. За горенаведеното беше известена државната обвинителка во Основното државно обвинителство во Улцињ, која изјави дека настанот содржи суштински елементи на кривично дело убивање и мачење животни и уништување на нивното живеалиште и нареди С.С. да биде лишена од слобода“, соопштила тогаш тамошната полиција.
Претходно во разговор за Сител, ќерката на уапсената жена пак тврди дека кучето претходно го усмртило нивното куче, а потоа и нив ги нападнало.
„На видеотo се гледа и нашето мало куче Shih Tzu кое е усмртено од шарпланинец преку 50 килограми тежок кој влезе во нашиот апартман, го распарчи нашето куче пред наши очи додека не постоеше начин да го одбраниме и да му помогнеме бидејќи станува збор за крволочно куче кое подоцна не напдна и нас и мојот малолетен брат. Шарпланинецот е удрен за да го оттргне од мене и од моето куче кое почина“, кажала Дора Стојановска.