Во текот на изминатите 24 часа, во Општата болница во Гостивар се прегледани 198 нови пациенти, објави директорот на болницата, Емри Бајрами, додека епидемијата продолжува во градот со зголемен број на лица кои се јавуваат со гастроинтестинални тегоби. Поради неговата здравствена состојба, еден пациент е упатен на лекување на Клиниката за инфективни болести во Скопјe.

Според Бајрами, на Инфективното одделение биле прегледани 111 пациенти, на Одделението за педијатрија 75, а на Ургентниот центар 12 пациенти.

Бајрами изјави дека нема промени во клиничката слика кај пациентите.

„Клиничката слика и понатаму се карактеризира со стомачни проблеми, а поретко со треска и покачена телесна температура“, рече Бајрами.

Продолжува голготата на гостиварци. Водата не смее да се користи ниту за пиење, ниту за подготвување храна. Забраната останува во сила. Обвинителството ги собира доказите и испитува осомничените кои од вчера се во притвор.

Обвинителството отвори истрага против три раководни лица во „Комуналец“, осомничени дека на 25 јуни наредиле поставување потопни пумпи во отворен канал со површинска вода, наводно за тестирање на притисокот во системот.

При увидот на 16 јули било утврдено дека две пумпи сè уште ја пренесувале водата од отворениот канал во комората поврзана со системот за вода за пиење.

Анализите на Институтот за јавно здравје покажале дека водата од каналот содржела 2.419,6 колиформни бактериски единици на 100 милилитри, при максимално дозволена вредност од 50. Во примерок од каптиран извор биле пронајдени 39 колиформни бактериски единици, иако во водата за пиење референтната вредност е нула.

Во примерок земен од чешма на улицата „ЈНА“ била утврдена концентрација на резидуален хлор од 1,1 милиграм на литар. Според важечкиот правилник, вообичаениот опсег е од 0,2 до 0,3 милиграми, а максимално дозволената вредност е 0,5 милиграми на литар.