Во изминатото деноноќие, полициските службеници на територијата на целата држава лишиле од слобода 17 лица поради безобѕирно управување со моторно возило, додека со уште едно лице бил извршен службен разговор. Станува збор за случаи на управување без возачка дозвола, под дејство на алкохол и покрај активна забрана за возење, информираат од Министерството за внатрешни работи.

„Во текот на изминатото деноноќие, на територијата на целата држава, полициски службеници лишиле од слобода 17 лица додека со едно лице е извршен службен разговор, поради сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“ по член 297-а од Кривичниот законик“, соопшти МВР.

Според полициските информации, десет лица биле затекнати како управуваат возило без положен возачки испит. Петмина возеле под дејство на алкохол, при што кај еден од нив биле измерени дури 3,35 промили алкохол во крвта. Две лица, пак, управувале возила и покрај активна забрана за возење. Во Виница, 14-годишен малолетник изгубил контрола над мопедот и паднал, додека во Велес бил извршен службен разговор со 19-годишник кој учествувал во сообраќајна незгода со мотоцикл без регистарски ознаки.

„Г.Р.(53) од село Мусинци, општина Могила, управувал возило без положен возачки испит и под дејство на алкохол, при што му биле измерени 2,92 промили алкохол во крвта. По целосно документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави“, наведуваат од МВР.

Од Министерството за внатрешни работи упатуваат апел до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите, да не управуваат возила без положен возачки испит, под дејство на алкохол или за време на активна забрана. Посебен апел е упатен и до родителите да не им дозволуваат на малолетните лица да управуваат моторни возила пред да го стекнат законското право за тоа.