Во изминатото деноноќие полицијата регистрирала 19 кривични дела за безобѕирно управување со моторно возило на територијата на целата држава. Во рамки на акциските контроли, 17 лица биле лишени од слобода, додека со едно лице бил извршен службен разговор, информира Министерството за внатрешни работи.

„Од лицата опфатени со полициските постапки, 11 управувале возило без положен возачки испит или без да се стекнат со право на управување“, соопшти МВР. Меѓу нив имало и двајца малолетници, од кои едниот управувал мопед. Случаите биле регистрирани во повеќе градови и населени места, меѓу кои Скопје, Куманово, Тетово, Кавадарци и други.

Шестмина возачи биле затекнати како управуваат возило под дејство на алкохол, при што измерените вредности се движеле од 1,55 до 3,23 промили. Највисока концентрација на алкохол во крвта, од 3,23 промили, била утврдена кај 29-годишен битолчанец. Над два промила имале уште тројца возачи, од Битола, Скопје и кочанското село Нивичани.

„Дополнително, Б.П.(20) од Битола учествувал во сообраќајна незгода со материјална штета, управувајќи патничко возило „шкода“ без регистарски ознаки и без да поседува возачка дозвола. Б.П.(29) од Скопје управувал возило без да се стекне со право на управување, а со изминат рок на важност на сообраќајната дозвола“, наведуваат од Министерството.

Од МВР информираат дека по целосното документирање на сите случаи ќе следуваат соодветни кривични пријави. Истовремено, апелираат до возачите да ги почитуваат сообраќајните правила, да не седнуваат зад волан без возачка дозвола или под дејство на алкохол, а родителите да не им дозволуваат на малолетниците да управуваат возила пред исполнување на законските услови.