Вкупно 11 лица биле лишени од слобода во текот на изминатото деноноќие на повеќе локации низ државата, откако кај нив била пронајдена дрога, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје привеле шест лица – четворица скопјани на возраст од 21 до 52 години и двајца државјани на Германија, кај кои биле пронајдени и одземени бела прашкаста материја, марихуана и дробилка со остатоци од марихуана.

На граничниот премин Табановце, при влез во државата, бил приведен 39-годишен жител на радовишко. При контрола на товарно возило „Волво“ со кое управувал, полициските службеници во кабината пронашле и одзеле марихуана.

Уште едно лице е лишено од слобода на граничниот премин Деве Баир. Станува збор за 38-годишен државјанин на Перу, кај кого при контрола во автобус биле пронајдени марихуана и ризли.

Во Тетово, пак, полициски службеници привеле тројца жители на селото Долно Палчиште на возраст од 20, 21 и 26 години. Кај нив биле пронајдени марихуана и дробилка.

Од МВР информираат дека по целосното документирање на сите случаи ќе бидат поднесени соодветни пријави против приведените лица.